ГРК Борец изгуби од РК „Вардар Неготино“
Ракометарите на ГРК „Борец“ вчера вечер загубија на натпреварот од РК„ Вардар“ од Негитино со високи 8 гола којшто се одигра во спортска сала „Гемиџии“. Неготинци се водечката екипа во Првата ракометна лига, група А. Крајниот резултат изнесува 25 : 33.
Од самиот почеток на натпреварот гостите поведоа и предноста не ја испуштија во текот на целиот натпревар. Победникот беше решен пред крајот на првото полувреме, кога при резултат 10:11, гостинските ракометари постигнаа 6 гола а не примија ниту еден. Ова беше лош период во играта на „Борец“ кој се покажа како кобен за велешани.
Во второто полувреме гостите ја одржуваа разликата а во редовите на „Борец“ немаше сили за пресврт. Во екипата на победникот најдобри беа ракометарите Ѓорги Ташев со 8 постигнати гола и Драган Кузманов со 7. Кај „Борец“ најефикасни беа Лазар Стојанов со 8 и Кристијан Ристов со 6 гола.
Со 12 освоени бодови на крајот на првиот дел од сезоната ГРК „Борец“ е 6-ти на табелата и со реално мали шанси за приклучок во горниот дел на табелата.
Лазар Лазаровски