КК „Борец Баскет“ со историско сребро на државниот Финал Фор

Објавено на 12 мај, 2025 во 12:42

Велешани имаат повод за славење, најмладите кошаркари од КК „Борец Баскет“, генерација М-12, со срце, борбеност и талент успеаја да го освојат второто место на државниот Финал Фор, во конкуренција од дури 30 екипи од цела Македонија. За победникот„Вардар“ беа потребни две продолженија, а конечниот резултат од 80:76 само ја потврдува неизвесноста и квалитетот на овој натпревар.

Како што соопштија од КК „Борец Баскет“ регуларниот дел завршил со резултат 59:59, потоа првото продолжение со резултат 67:67 и дури во второто продолжение успеале да дојдат до конечниот резултат.

Дополнителна радост за КК „Борец Баскет“, навивачите и граѓаните на Велес е Дамјан Ќимов кој е прогласен за најдобар стрелец на турнирот, што претставува уште една потврда за индивидуалниот квалитет кој го поседува оваа генерација.

-Децата се пресреќни. Второ место од вкупно 30 екипи е огромен успех. Почнавме сезона во пет групи, ја минавме групната фаза како првопласирани, потоа во осминафиналето го победивме Феникс, во четвртфиналето двата натпревари со Битола беа во наша полза и стигнавме до Финал Фор. Ова финале не беше пораз, туку триумф на духот, борбеноста и љубовта кон кошарката, велат од клубот за Дума.мк.

КК „Борец Баскет“ со освоеното сребро ја потврдува својата доминација во младинските категории бидејќи три години по ред, три различни генерации од Велес, се дел од Фајнал Фор во конкуренција на 26 екипи.

Кошарката во Велес има светла иднина , овие млади таленти се доказ дека со работа, посветеност и тимски дух, можат да се постигнат големи резултати.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.