Кошаркарите на велешки „Борец Баскет“ во плеј офот стартуваат како трети
Се одигра последното коло од „регуларниот” дел на сезоната во втората кошаркарска лига. „Борец Баскет“ пред своите гледачи беше подобар од екипата на „Хераклеа“ од Битола совладувајќи ја со 90:61.Тренерот Љутков на средбата им даде шанса на сите играчи и сите тие се запишаа во листата на стрелци. На крај „Борец“ е третопласиран и во разигрувањето за место кое води во првата лига за противник ја има екипата на „Шкупи“ која го освои шестото место. Ќе се игра во два добиени натпревари, а „Борец Баскет“ ја има предноста на домашен терен.
Тренерот Ангел Љутков за Дума изјави:
“Трети сме што не е лош резултат. Во плеј офот ништо не се знае и ќе биде неизвесно и интересно. Против „Шкупи“ подобрата позиција ни дава предноста ако дојде до трета средба. Тогаш решавачкиот натпревар би се играл дома. Ако го минеме четвртфиналето во полуфиналната пресметка би се сретнале со подобриот од дуелот помеѓу екипите на „Соколи Штип„ и „Струмица“. Сега се гледа колку ни значат загубените бодови од стартот на сезоната кога претрпевме неколку порази со еден или два коша. Ќе бевме на крај најмалку втори со што ќе имавме уште поповолен распоред во плеј офот. Ќе дадеме максимум и ако се создаде шанса зошто не и прва лига. Екипата е составена од неколку прекалени и искусни кошаркари но и плејада млади талентирани играчи. Па сее можно. “
Да потсетиме дека прволигашка кошарка се игра на паркет а велешката сала „ Гемиџии“ има гумирана подлога. Во случај на пласман во првата лига ова би бил првиот проблем. Вториот, уште потешкиот, е немањето на спонзор. Клубот во моментов се финансира од спортскиот ваучер. Тие средсва во првата лига би биле премалку и не би можело да се одговори на потребите и трошоците за ова натпреварување.
Лазар Лазаровски