Ново велешко ракометно име што многу ветува на интернационалните спортски терени
Кога во неговиот роден Велес и маало Дворови, пред четиринаесет години, играше на спортските терени на поранешното основното училиште „Трајко Андреев“ ,велешанецот Пепи Манев не ни претпоставуваше дека во детската игра всушност ги прави првите спортски чекори на иден пивот поточно пикер како и на ракометар со домашна и интернационална кариера. Уште помалку дека токму таа асфалтна подлога на спортскиот училишен терен ќе биде пресудна за препознавање на талентот кој со многу труд и посветеност ќе го развива за да го препознаат тренерите на РК „Бисинов Вардар“, на РК „Работнички“, на РК „Марибор браник“ и на РК „Ровињ“. Сега дваесет и едногодишниот Манев е интернационален ракометен играч со успешна кариера за кого познати ракометни имиња констатираат и новинари пишувааат дека многу ветува. Аргументите се на страна на Манев кој за три години токму преку супериорна игра на пикер успеа да биде препознаен од тренерите и стручните штабови како на „Марибор браник “во Словенија така и на „Ровињ“ во Хрватска.
Последниот трансфер Манев го направи годинава, во месец мај, кога по три години од словенечкиот премина да игра во хрватскиот ракометен клуб. По вториот интернационален трансфер Манев вели дека е задоволен и дека одлично се адаптира во новиот клуб. Веќе има стекнато пријателства со дружељубивите колеги во тимот, најмногу се дружи со Санди, со Реи, иако најголем пријател е со играчот Стефан Димевски затоа што родниот Велес најмногу ги поврзува. Димевски исто така, годинава, направил трансфер во РК„Ровињ“.
-По одличното прифаќање во клубот, управата, стручниот штаб и играчите, веќе се адаптирав на условите на живот во Ровињ. Не е ништо поразлично од Марибор каде денот започнуваше со подготовка за претпладневен тренинг и по неговото завршување следи неколкучасовн одмор пред попладневниот тренинг. Тренинзите се квалитетно осмислени и реализирани од тренерот Дарио Јагич и неговите помошници. На спортистите останува да се подготват психолошки и да бидат доволно одморени за да ги исполнат барањата и очекувањата на тимот од стручни лица кои првично морам да кажам дека одлично ги раководат затоашто се стручњаци. Независно дали тренинзите се кондициони или за градење на концептот на игра на тимот. Како пикер се трудам максимално да се вклопам во играта. Екипата на РК„Ровињ“ се натпреварува во Прва лига на Хрватска и во моментов е на седмо место. Во клубот преминав со желба и ентузијазам за многу повисоко место од сегашното во националната лига а зошто не и натпреварување во меѓународна конкуренција, рече Манев.
Во разговорот што следеше овој ракометен играч соопшти дека освен на спортската кариера тој е посветен и на личното образование.
-Има доволно време во еден ден времето да се распореди и за тренинг, за натпревар и за учење. Јас навреме ја ликвидирав втора година на Факултетот за маркетинг и менаџмент на словенечкиот универзитет. Секако дека ќе продолжам со истото темпо и како студент. Очекувам да бидам успешен и навреме да дипломирам. Ништо повеќе од солиден студент и одличен играч не очекуваат клубот и моето семејство и јас се трудам максимално да одговорам на нивните очекувања. Родителите и сестрата Ива живеат во Марибор, во Словенија а јас во Ровињ, во Хрватска. Се обидувам да најдам време за почесто одење на гости и секако поминување на што поголемо време со семејството. Се надевам дека ќе имаме доволно време и за почести доаѓања во Велес и во Македонија, додаде Манев.
Здравиот начин на живот преку спортот беше темата на која го продолживме разговорот во кој Манев преку одговорите се обиде да мотивира што поголем број на млади луѓе да го исполнат својот живот со вредности кои ги практикуваат спортистите. Според него кога се има мотив животот се живее одговорно и по исполнето.
-Во РК„Бисинов Вардар“ тренирав и играв 12 години. Таму научив многу работи кои беа клучни за моето лично професионално градење. Открив работи што освен лично исполнување беа клучни и за понатамошниот живот. Затоа би сакал да мотивирам што поголем број на млади сограѓани да спортуваат, да водат по здрав живот и да бидат далеку по подготвени и организирани за живот кој е пред нив. Мислам дека првите нешта што ќе ги откријат се одговорноста и исполнителноста. Овие карактерни особини, кои низ годините се учи како да се развиваат, исто така се совладуваат и безброј други животни препреки на кои кога сме млади можеби не посветуваме доволно време. Затоа сметам дека се многу значајни и треба да им се обрне сериозно внимание, додаде Манев.
Констатирајќи дека во Велес, град со долга спортска традиција и со повеќе успешни спортски клубови, има доволно спортски терени потребно е само добро организирање на времето за што поголем број на млади да ги почувствуваат придобивките од секојдневното трчање, вежбање или тренирање . Придобивките како што се подобра физичка подготвеност, поголема мотивираност за извршување на работни задачи, поквалитетно лично здравје се само три. Манев остави младите да се обидат сами да ги откријат останатите.
Манев не скри дека неговата најголема преокупација е да заигра во тимот на селекторот Кире Лазаров и да го облече дресот на македонската репрезентација за да покаже како се сака и како се бранат боите на родната земја.
Убавка Јаневска