Повеќе од 250 велосипедисти, планинари и посетители на 9-от по ред „Outdoor festival AЗОТ МТВ Предизвик“ (фото)
И покрај неповолните временски услови, повеќе од 250 велосипедисти, планинари и посетители беа дел од деветтиот по ред „Outdoor festival AЗОТ МТВ Предизвик“, којшто се одржа во регионот АЗОТ во село Богомила. Претседателот на велосипедското здружение „Велес Бајкин“ кој воедно е и организатор на настанот, Зоран Јаневски, рече дека според реакцијата на учесниците оваа година фестивалот ги надминал сите очекувања.
-Целокупниот настан беше опфатен во два дена со голем број на настани за сите учесници. Првиот ден беше предвиден за велосипедска рекреативна тура до манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ во близина на село Согле каде учесниците се воодушевуваа од овој прекрасен црковно-духовен храм. Во меѓувреме во кампот се одржуваа обуки за повреди на отворено кои беа презентирани од мобилна екипа на Црвениот Крст на Македонија – ОО Велес. Во вечерните часеви се одржа голема рок забава на која имаше гости и од Велес, додаде Јаневски.
Вториот ден од настанот, учесниците возеле велосипед по две патеки низ повеќе села, прекрасни природни пејсажи, природни водопади и шумски патеки.
-Вториот ден, се возеа две велосипедски патеки и тоа: голема патека: 44.1 km +1780 и средна патека: 34.1 km +1011 m. Патеките поминуваат низ неколку села од областа Азот и тоа село Богомила, село Црешнево, село Капиново, село Нежилово, село Папрадиште Планинарски дом Чеплес како и низ многу прекрасни природни пејсажи низ течението на река Бабуна како што се погледот кон врвот Солунска глава ( 2451 мнв) како и неколку природни водопади и многу убави шумски патеки. Освен велосипедската, се одржа и планинарска тура во должина од 16,2км со посета на изворите на Бабуна. По завршувањето на сите активности, се организираше и заеднички ручек и богата лотарија со награди за сите учесници, додаде Јаневски.
Овој настан, според организаторите, е еден од најпосетените во Македонија и истовремено е најголемиот туристички промотор на целиот регион.
Истиот е поддржан од Општина Чашка.
Стефани Манева
фото галерија: