Трета фудбалска лига – југ
ФК „Росоман“ – ФК „Превалец“ 0:2
Дерби натпреварот од шестото коло на третата фудбалска лига-Југ им припадна на фудбалерите на „Превалец“. На гостувањето во Росоман одиграа одличен натпревар и забележаа нова победа. Домашните започнаа доста остро и играа на границите на дозволеното. Велешани не се исплашија и возвратија со одлична игра и со головите на Кристијан Маневски и Антонио Чоков, по еден во двете полувремиња, стигнаа до победата.
Со оглед на фактот дека ова беше дерби на колото во кое се сретнаа двете екипи од самиот врв на табелата бодовите добиваат на тежина. Со оваа победа екипата на „Превалец“ по пет одиграни натпревари има исто толку победи и освоени 15 бодови. Наредното коло на игралиштето во Превалец гостува уште еден аспирант за освојување на првото место, екипата на „Питу Гули“ од Крушево. Ако и овој дерби го добијат велешани, ќе можеме за реални да ги процениме амбициите на клубот а тоа е освојувањето на првото место во лигата.
Лазар Лазаровски