Велешкиот ракометен клуб „Бисинов – Вардар“ набрзо со променето име и амбиции за настап во првата сениорска лига
Кога во 2014 година се формираше РК „Бисинов-Вардар“ многумина предвидоа дека ова ќе биде школа за ракомет на млади категории кој има иднина.Иднината се базираше на тоа што клубот го води Никола Бисинов кој целиот играчки и тренерски век го посвети на ракометот.Тој е поранешен ракометар на „Борец“, „Тутунски комбинат“,„Пелистер“ и „Повардарие“ а беше член и на македнската репрезентација.Поседува диплома од вишата тренерска школа во Ниш и од факултетот за физичко и здравствено образование.
По осум години постоење, во моментов, се води постапка за менување на името на клубот со појавувањето на новиот спонзор.
Никола Бисинов за Дума изјави:
,,Имаме нов помагател,тоа е „Фриут Ленд“ и нормално е да го додадеме ова име на клубот.Од постоењето до сега се натпреварувавме во официјалните државни лиги за пионери и кадети . Со оглед на тоа дека генерацијата 2006 – та, спортски кажано, созреа за натпреварувачката сезона 2022/23 година ќе се натпреваруваме во сениорска конкуренција во првата ракометна лига. Во моментов тренираме во четири спортски сали во основните училишта „Панко Брашнаров“,„Блаже Конески“,„Васил Главинов“ и „Коле Неделковски“. Ова не е случајно, едноставно ги опфативме сите делови од градот и децата да не мораат за тренинг да одат од еден до друг дел на Велес. Тие тренираат во сала која им е најблизу. Со измените во ракометната федерација суперлигашите мораат да имаат по две екипи во млади категории па во догледно време ќе можеме да сметаме на повеќе наши играчи во клубовите. Досегашната пракса во Македонија на носење играчи од страна допринесе да многу малку се работи со младите категории. Морам да напоменам дека во Велес се работи со млади и тоа доста успешно.”
Ракометниот клуб „Бисинов –Вардар“ е меѓу ретките каде се игра мини ракомет наменет за почетници кој претставува огромно задоволство за сите они кои прв пат се сретнуваат со оваа игра.
Лазар Лазаревски