Во Чашка формирани два фудбалски клубови
Сто и десет деца во населба Чашка на возраст од осум до 16 години тренираат фудбал. Од нив 80 се момчиња и 30 девојчиња. Девојчињата желбата да спортуваат ја покажаа во изминатите 45 дена. Момчињата во изминатите месеци. Бројот на пријавувања ги надмина очекувањата на основачите на ФК „Чашка 2022“ кои пред шест месеци го формираа клубот со цел да овозможат на децата да спортуваат и да се социјализираат наместо слободното време да го минуваат само на телефон.
Иницијативата на штотуку пензионираниот армиски старешина Љупчо Стојков ја поддржаа поголем број на родители во Чашка.
-Имав желба да го популаризираме спортот и на свој начин да придонесеме за намалување на негативните појави во растот и развојот на децата. Особено за сузбивање на негативните појави. Веста за формирањето на машкиот фудбалски клуб брзо се расшири. Децата започнаа да се пријавуваат и редовно да доаѓаат на тренинзи. Тренираме два пати неделно. Така започна процесот на откривање на талентирани деца за фудбал. Го составивме тимот и одигравме неколку пријателски натпревари. Штом и девојчињата пројавија интерес за оваа спортска дисциплина знаевме дека сме ја постигнале целта. Сега го формираме ЖФК “Чашка 2023“. Двата фудбалски клубови ќе целат кон едукација и воспитување на децата и мислам дека ќе им ја олесниме работата и на наставниците во училиштата, рече Стојков.
Тој заедно со управите на двата клубови изрази голема благодарност на поддршката на нивниот сограѓанин Ердован Етовски со семејството кои ги обезбедија и донираа 110 комплети со фудбалска опрема.
Од септември годинава, се очекува ФК„Чашка 2022“ да влезе во системот на натпревари на ФФМ.
Ангел Јаневски