Во ГРК „Борец“ се вратија шест првотимци, клубот конкурентен за висок пласман
Објавено: 17 септември, 2021, во 15:28 часот
Екипата на градскиот ракометен клуб „Борец”, во недела, на 19 септември, гостува во Гевгелија каде ќе се сретне со домашниот „Партизан” во натпревар од првото коло на А -групата на првата ракометна лига.
Составот од мината сезона е изменет. Во клубот се вратија ракометарите Димче Минов, Кире Димовски, Борис Ристовски, Кристијан Ристов кои настапуваа за „Вардар“ од Неготино, Лазар Стојанов од „Тиквеш“ од Кавадарци , а на ракометот му се врати и Александар Лазаровски. Со овие играчи тимот е добро засилен и ќе биде конкурентен за висок пласман.

Душан Крстевски председателот на клубот не го крие оптимизмот.
-Имаме добар тим кој ќе се бори за пласман во плеј офот и горниот дел на табелата. Идејата е да стасаат младите играчи и во догледно време да го вратиме ракометот во суперлигата. За таа цел во своите лиги ке настапат кадетите и младинците од кои црпиме играчи за сениорскиот тим. Ја консолидиравме финансиската состојба благодарение на спортскиот ваучер и неколку компании од градот. Се надевам дека работите ќе одат на подобро, рече Крстевски.
Годинава ГРК „Борец” воведе и сезонски билет. Целата сезона односно повеке од 20 натпревари ќе се следат за симболични 400 денари.
Лазар Лазаровски
