Златен пехар и прво место за велешкиот атлетичар Роберто Димитриевски на трката „Килкис Треил маратон“ 2024 – „По патот на хероите“ во соседна Грција
Димитриевски го освои првото место на трката на 4800 метри во градот Килкис поранешен Кукуш во Грција со време 23:24 минути. Втор на трката стигна, исто така, македонскиот атлетичар Валентин Михајловски од АК „7 ми Ноември“ од Гевгелија со време 25:31 минути,а трет беше грчкиот атлетичар Кирјанос Сапедикис со време 28:25 минути.
Велешкиот и македонски атлетичар многу е задоволен од постигнатото прво место во родниот град на Гоце Делчев, Кукуш или Килкис, додека на сопствената победа гледа како на потврда дека спортот како и музиката не познаваат граници и се полиња за натпревари помеѓу народите.
-Ја истрчав трката која имаше многу угорнини и удолнини па и препреки што ги создаваа карпите и стрмните провалии. Теренот не ми беше познат. Во делот којшто минуваше низ шума можев да видам и шумски животни како излегуваат или ја претрчуваат патеката. Времето беше многу топло. Уште на стартот создадов доволна предност од другите атлетичари што ми овозможи галантно да стигнам прв на целта, рече Димитриевски.
Димитриевски задоволен е од укажаните гостопримство и почит како на организаторите така и на учесниците во трката, особено на постигнатиот резултатот во Кукуш. Затоа ќе учествува и на маратонот што во сабота, 22 јуни, ќе се одржи во Грција „По патеките на Свети Апостол Павле“ кога ќе се трча од Метхони до археолошкото наоѓалиште Пидна.
Убавка Јаневска