Значајна победа на ракометарите на РК „Борец“ против гевгелиски „Партизан“
Пред своите гледачи, во натпревар од деветото коло на првата ракометна лига група А, во спортска сала „Гемиџии“ , ракометарите на велешки „Борец“ го победија гевгелиски „Партизан“ со резултат 35 :33.
Велешани сигурни во своите можности лежерно го запoчнаа натпреварот и до 50 минута играа како победата сама да треба да дојде. На десет минути до крајот гостите имаа два гола предност 27:29. Тогаш ракометарите на „Борец“ се разиграа и тоа добро во одбраната и уште подобро во нападот. Работите си дојдоа на свое место.
Кај гевгеличани, браќата Узунчеви беа нерешлива загатка за одбраната на Борец. Тодор постигна 9 а Димитар 16 голови. Во редовите на „Борец“ Табаков во финишот беше непогрешив и во натпреварот постигна 10 гола.
Душан Крстевски, председателот на РК„Борец“ во изјава за Дума.мк рече дека е задоволен од победата но не и од играта.
-Кога ќе потцениш некого и не играш мотивирано може да изгориш. На време се разиграа нашите ракометари и дојдовме до очекуваните бодови. Сега ги зголемивме шансите за пласман во горниот дел на табелата, додаде Крстевски.
Наместо со играчите, на терен, овој натпревар од трибините на спортската сала го следеше Филип Сиљанов. Ракометарот на „Борец“ во минатото коло, на средбата со „Јехона“, се здоби со сериозна повреда.
– Ја повредив раката, и по извршените прегледи се установи дека настрадала тетивата. Во понеделник заминувам за Скопје на дополнителни прегледи па ке знам на што сум, рече Сиљанов.
Долу, на теренот, денеска се почувствува отсуството на Сиљанов бидејќи недостасуваа неговите голови. Сиљанов е еден од подобрите стрелци во тимот на „Борец“. Според првичните информации за него е завршен првиот дел од натпреварувачката сезона.
Лазар Лазаровски