Николов: Добро е граѓаните да знаат да дадат прва помош на сограѓани на кои им е потребна (ФОТО и ВИДЕО)
Показна вежба за велешани кои се заинтересирани да научат како да санираат убод од страно во човечко тело, повреда на нос и како правилно да дадат вештачко дишење доколку се најдат во ситуација на човек што изгубил свет се одржа денеска на плоштад „С`рмаале“. Вежбата ја изведоа шест обучени волонтери и членови на Клуб на млади на Црвен Крст Велес. Тие ги едуцираа случајните минувачи. Зборуваа и практично изведуваа мобилизација на рани и даваа вештачко дишење. Меѓу нив беше и Tамара Коцевскa.
-Вежбата има за цел да им покаже на граѓаните кога би се нашле во ситуации на повредени луѓе или граѓани во сообраќајна незгода како треба да укажат прва помош пред да стигне на местото здравствените работници на Итна медицинска помош.Изведовме показни вежби на повреда на рака без и со страно тело , повреда на нос и давање на вештачко дишење , рече Коцевска.
Дел од волонтерите поделија и флаери со корисни информации за граѓаните кога би биле присутни на места на кои има повредени или граѓани без свест. Настанот беше дел од одбележувањето на 11 септември, Светски ден на прва помош што годинава беше одложен во предвидениот ден поради прогласената три дневната жалост во Македонија.
-Сакаме да ја подигнеме свеста на граѓаните за укажување на прва помош за што Црвен Крст смета дека е потребно да биде едуциран секој граѓанин во Македонија. Подобро никогаш да не ни биде потребна но добро е да сме обучени и во секој моментот да ја укажемезатоа што веруваме дека ќе спасиме човечки живот, рече Орце Николов секретар на велешки Црвен Крст.
Секој заинтересиран граѓанин може самоиницијативно да побара и да добие обука за укажување на прва помош во просториите на организацијата во Велес.Тоа се освежителни курсеви за кои Црвен Крст ги става на располагање своите кадровски капацитети. Тие лани се одржуваа додека годинава поради пандемијата на Ковид 19 привремено не се изведуваат.
– Ние во месец септември ја спроведуваме кампањата „Биди и ти херој во своето училиште“ преку обуки во сите основни и средни училишта во градот. Ќе го обучуваме натавниот кадар со цел да знаат како да укажат помош на децата во ситуација на повреда како што е скршеница , епилептичен напад или отворена рана, додаде Николов.
Вчера е спроведена првата обука од оваа кампања во ПОУ „Маца Овчарова“ како училиште кое е ресурсен центар и во кое потребата од едуциран наставен кадар е најголема .
Убавка Јаневска