Oпштина Кавадарци ќе купува автобуси за јавен превоз
На денешната седница советот на општината донесе одлука и за трансфер на финансиски средства од буџетот на општина Кавадарци во висина од 6 милиони денари кон ЈП за јавни паркиралишта Паркинг, со што почнува постапка за набавка преку лизинг на четири автобуси кои ќе извршуваат јавен превоз и превоз на ученици.
Општина Кавадарци за превоз на ученици годишно имаше трошок од 15 милиони денари. Опозицијата гласаше против оваа точка, со образложение дека автобусите треба да се купат со сопствени средства на општината, а не преку лизинг, бидејќи таков бил и нивниот амандман кога се носеше буџетот на општината.
Градоначалникот Митко Јанчев даде појаснување дека јавниот превоз и превозот на ученици ќе започне да се реализира од септември годинава. Информира дека во општина Кавадарци има 19 автобуски постојки, а уште 15 ќе бидат изградени. Автобусот ќе биде достапен на секоја постојка за триесетина минути, секој работен ден, освен недела во периодот од 7 до 19 часот. ЈП Паркинг добива уште една надлежност, со која треба да обезбедува приходи во своето работење.
Ангел Данов