СБ: Сиромаштијата и невработеноста – проблеми на Македонија

Објавено на 9 декември, 2013 во 15:52

Намалување на сиромаштијата и порамномерна распределба на приходите се главните цели кон кои треба да се стремат економските политики на земјава, препорачува Светската банка во својот редовен економски извештај за земјите од Југоисточна Европа, јави Телма.

Добро е што Македонија излезе од рецесија и почна да остварува позитивен економски раст, но „плодовите“ од тој раст треба да се поделат меѓу населението, а за таа цел неопходно е да се зголеми вработеноста, вели Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на Светска банка во РМ.

– Во моментов во Македонија проблемот е што од една страна луѓето не можат да најдат работа, а од друга страна компаниите имаат проблем да ги пополнат работните места, особено оние за кои се потребни квалификувани работници. Мора да се фокусирате на вештините на луѓето, но и на бизнис климата. Македонија е едне од лидерите во регионот во овој дел, но очиглено тоа во моментов не генерира доволно работни места.

Според прогнозите на Светската Банка, земјава 2013 ќе ја заврши со стапка на невработеност од речиси 29 отсто. Од таму порачаа дека Владата мора да продолжи да работи на намалување на невработеноста кај младите. Проскурјакова се согласи со предупредувањето на ММФ Владата да внимава на нивото на јавниот долг, кој изнесува 35,5 отсто.

– Во земјата има тенденција на раст на долгот, но во споредба со соседите, Македонија се` уште е во комфорна позиција. Сепак се согласувам со ММФ дека тоа е нешто на што Владата треба да внимава и да биде фокусирана. Колку што сме запознаени, Владата има среднорочна програма за намалување на дефицитот и во крајна линија стабилизирање на јавниот долг.

Според прогнозите на Светската банка, македонската економија годинава ќе оствари раст од 2,5 отсто, а идната година половина процент повеќе.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.