Заев претстави нови мерки за вработување и враќање на парите кај народот
– Од Куманово до Гостивар, за 35 дена, посетивме 65 општини, појдовме на нивите и полињата, заѕвонивме и на вратите во зградите, влеговме во погони каде што се произведува, по дуќаните низ чаршиите, во најмалите продавнички, поминавме низ пазарите и впечатокот е еден. Во Македонија се живее многу тешко, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заокружувајќи една фаза од презентазијата на предлог мерките од новата Програма на СДСМ.
Според она што СДСМ го забележале на терен, Заев вели, измачени се и земјоделците и сопствениците на поголемите фирми – едните сеуште чекаат субвенции од Владата за 2012, за 2013 воопшто не земале, а за 2014-та гледаат само во рекламите. На другите им е намалено производствотоа, а тие на средина, кои продаваат, кажуваат за тоа што е видливо. Граѓаните немаат пари.
„Луѓето внимателно слушаа за мерките со кои СДСМ планира да ја врати средната класа во државата. Ние нив уште повнимателно ги слушавме. Видовме интерес, видовме доверба и видовме желба, да биде поинаку. Тие се за нас уште посилна обврска, да опстоиме во нашиот принципиелен концепт што го исправивме пред оваа непринципиелна власт“, додаде Заев.
Претседателот на најголемата опозициска партија порача дека новата Програма на СДСМ ќе биде Програма на граѓаните на Република Македонија и Програма за враќање на државата на вистинскиот пат.
Како дополнителни мерки во даночниот систем за враќање на средната класа, тој пред новинарите најави:
Проект „ДДВ викенд“
– СДСМ планира да спроведе проект што го нарековме „ДДВ викенд“. Се планира еден викенд во годината, на почетокот на месец септември – пред почетокот на есента и новата учебна година – да биде викенд без наплаќање на ДДВ за сите потреби (купувања) за домаќинствата (облека, покуќнина, училишен прибор и сл.). Во тој викенд сите овие набавки ќе бидат ослободени од давачката Данок на додадена вредност. Во тој викенд сите продавници (бизниси) коишто тргуваат со такви производи, како и сите банки, ќе имаат дозволено работно време од 24 часа. Со овој проект, се предвидува подобрување на животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите категории граѓани, како и на припадниците на средната класа кон чие враќање сме фокусирани со сите мерки во Програмата, потенцираше Заев.
Проект „Потрошувачки кредит“
– СДСМ планира да спроведе проект што го нарековме: „Потрошувачки кредит“. За неговото остварување од Буџетот ќе бидат издвоени средства до 5 милиони евра годишно, што ќе бидат наменети за делумно субвенционирање на каматата на потрошувачките кредити кои ги користат граѓаните. Притоа, каматната стапка ќе биде ограничена, а Владата би субвенционирала до една четвртина од трошоците за каматата. По корисник, кредитот ќе биде лимитиран на износ до три илјади евра, а ќе биде наменет за граѓани кои имаат месечна нето плата под 20 илјади денари. Останатите услови на кредитот ќе бидат договорени со банките, објасни претседателот на СДСМ, додека во мерките за поттикнување на вработувањето, дополнително најави:
– Ослободување на работодавачите, во период од 1 година, од обврската за плаќање на придонесите при прво вработување на млади лица до 27 годишна возраст, под услов тие да останат вработени уште минимум 2 години,
– Ќе воведеме месечна финансиска поддршка, за период од 6 месеци, при вработување на евидентирани невработени млади лица до 27 години, со обврска работодавачот да ги задржи на работа, дополнителни, минумум 12 месеци,
– Идната Влада на СДСМ планира да даде поддршка за стажирање на невработени млади до 27 годишна возраст,
– Ќе спороведеме Програма за практикантство – финансиска поддршка за стажирање на невработени млади до 27 годишна возраст, во времетрање од 3 месеци, со обврска најмалку 20% од практикантите кај работодавачот да останат ангажирани уште најмалку 6 месеци,
– Планираме програма „Летна пракса“ – финансиска поддршка на работодавачи кои ќе обезбедат пракса за студенти во текот на летните месеци,
– Идната влада на СДСМ планира да обезбеди финансиска поддршка за период од 1 година и во висина до 70% од просечната плата, за идно вработување на деца без родители и инвалидизирани лица. Работодавачите ќе имаат обврска да ги задржат на работа тие лица уште минимум 2 години,
– Во мерките предвидовме и финансиска поддршка за период од 1 година и во висина до 70% од просечната плата за вработување на лица кои се евидентирани како невработени повеќе од 6 месеци, а се самохрани родители, родители на 3 и повеќе деца, родители на деца со посебни потреби и жртви на семејно насилство. Работодавачите ќе имаат обврска да ги задржат на работа тие лица уште минимум 2 години,
И во делот на мерките за враќање на скратените работнички права:
– Идната влада на СДСМ ќе воведе строга инспекциска контрола за почитување на евиденцијата и плаќањето на дополнителните работни часови,
– Како и нешто што сега изостанува, а од што можат да имаат голема корист граѓаните на Македонија – ќе настојуваме да има целосно искористување на претпистапните фондови на ЕУ за поттикнување на работувањето,
Вечерва, СДСМ ќе одржи трибина во скопската општина Карпош, на која подетално ќе ги објаснат новите предлог мерки.
