Пратеничката Николовска обвинува за заплашување на тутунари од активисти на ВМРО ДПМНЕ
Активисти на ВМРО-ДПМНЕ вртат со возила по пелагониските села и им се закануваат и ги убедуваат тутунопроизводителите да не се жалат јавно или да не протестираат ако се незадоволни од годинашните откупни цени на тутунот, тврди Ленче Николовска, пратеничка од СДСМ.
– Добив многу јавувања од тутунопроизводители кои добиле отворени закани или „совети“ да молчат, а денеска планирам да одам на самите откупни пунктови во битолските села и да се уверам од прва рака. Поплаките се дека на тутунарите намерно им се дава пониска класа при оценувањето на тутунот и така им се урива просечната откупна цена – вели Николовска.
Таа потсетува дека неодамна имаше најави дека незадоволните тутунари имаат намера своето незадоволство да го изразат на протести, па веројатно власта тргнала во „превентивна мисија“ за да го угуши нивното незадоволство.
Засега се отворени откупните пунктви само на некои помали откупувачи во пелагониските села. Според законот, последен рок за почеток на откупоит на тутунот е 15 декември, до кога мора своите откупни пунктови да ги отворат сите откупувачи, па и Тутунскиот комбинат од Прилеп, и тогаш ќе се знае вистинската слика за годинашниот откуп. Засега производителите велат дека се изиграни, зашто летоска премиерот Груевски најавуваше успешен откуп со процечна цена од 180 до 200 денари за килограм тутун, но ситуацијата засега не е таква.
Николовска смете дека причината за тоа лежи во прилично добриот род и квалитет на годинашниот тутун. Годинава се набрани повеќе од 30.000 тони тутун, со прилично добар квалитет, околу 2,5 до 3 илјади тони повеќе од лани.
– Тоа што од една страна им го даваат како субвенција, сега им го закинуваат на класа – објаснува пратеничката од СДСМ Николовска.
