Коки: „Човечкото тело претежно е составено од вода, а водите денес, за жал, како никогаш досега не биле толку енормно загадени“
Секој понеделник читајте ги афоризмите на велешкиот афористичар Коки. Тој од својата широка лепеза одвојува по седум нови афоризми за работната седмица да ја започнете со насмевка. Прочитајте го денешниот избор на афоризми и уживајте.
-Човечкото тело претежно е составено од вода, а водите денес, за жал, како никогаш досега не биле толку енормно загадени.
-Нашата историја е нашата учителка на животот, но источниве, недоветни соседи катадневно, мошне грлато се огласуваат и бесрамно, како ненаситни еротомани се обидуваат да ни ја силуваат…учителката.
-Кога е полна, собраниската сала наликува на огромна „турли-тава“: внатре има се …и сешто.
-Многумина луѓе се приВРЗАНИ за своите сопруги, но на некои од нив, одвреме-навреме, им поаѓа од раце да го отплеткаат јазолот.
-И во сексот се помалку се оние што го држат јазикот за забите.
-Постојат мноштво луѓе кои во бракот наликуваат на фудбалските судии: делат правда, но најчесто го извлекуваат подебелиот крај.
-Од дневната политика може да не оддели единствено, најважната споредна работа на светот: завршницата на актуелното Европско фудбалско првенство.
Никола Бошков – Коки
Дума.мк