Ковачевски: Сите НАТО сојузници делуваме обединето, делиме исти вредности и политики

Објавено на 25 март, 2022 во 12:10

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на вонредниот НАТО Самит кој се одржа во Брисел, ги потврди ставовите на земјата за поддршка на воената криза во Украина, како и целосната усогласеност на надворешната политика со политиката на Сојузот и неговите земји членки кои делат исти вредности.

„Од особена важност е што во време на воена криза од вакви размери сите држави сојузници делуваат обединето и ја даваат својата поддршка на земја која го брани своето право на територијален интегритет и суверенитет. Северна Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со Европската Унија. Ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите членки на НАТО и на ЕУ, со цел да се обидеме да ја одвратиме Русија од воената агресија врз Украина, а како држава покажавме подготвеност и донесовме одлуки и за идентификување на капацитетите и обезбедување на сите материјални средства согласно нашите можности, коишто се потребни за прифаќање на евентуалните бегалци од Украина“, изјави премиерот Ковачевски, во интервју за МИА.

Во однос на безбедносната состојба на Република Северна Македонија, премиерот Ковачевски истакна дека земјата е во стабилна ситуација, благодарение на правилно донесените стратешки одлуки.

„Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата беше долг и макотрпен, но сега, во време на воена криза од вакви размери, гледаме колку е значајно да се биде земја чијашто безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот. Северна Македонија е дел од мисиите на Сојузот, како и од вежбите кои тој редовно ги спроведува“, потенцираше Ковачевски, потврдувајќи ја стабилната безбедносна состојба на земјата.

Во однос на барањата за затворање на небото над Украина, тој изјави дека ставот на Сојузот е дека тоа би значело отпочнување на воен конфликт помеѓу НАТО и Русија, кој би прераснал во војна од невидени размери, поради што одлуката и на НАТО и на другите земји, коишто се веќе дел, но и оние коишто се на пат кон влез во Европската Унија, останува со економски санкции и други невоени средства за санкции да се одврати Русија од понатамошни воени дејствија.

На вонредниот Самит беа разменети мислења и за следните чекори и одлуки кои ќе се донесуваат во следниот период, во насока на оформување на иднината на Алијансата и нејзиното зајакнување, како и во насока на процесот во врска со Самитот во Мадрид кој е планирано да се одржи во јуни.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.