Ковачевски: Во услови на можни нови покачувања интервенираме и го штитиме стандардот на граѓаните
Денес Владата донесе одлука за замрзнување на маржата на одредени производи со цел ограничување на растот на цените. Во услови на можни нови покачувања на цените на производите интервенираме и го штитиме стандардот на граѓаните, напиша на својот Фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.
-Заклучно со 30 септември 2022 година се ограничуваат: За леб бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало;За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.Продолжуваат интензивно и контролите за трговците. Според наодите на инспекторите одредени трговци направиле драстично зголемување на маржите и истите соодветно се санкционираат, напиша Ковачевски.