Од снежните наноси Јабланица отсечена и без струја!
Патот што ги поврзува струшките села Бороец и Јабланица е непрооден поради обилните врнежи од снег што паѓаат непрекинато од минатата ноќ.
Освен сообраќајот, од синоќа во 19 часот, во прекин е и електричната енергија во Јабланица, објави www.lihnid.com.
Жителите на ова село како и жителите на Лабуништа, Боровец, Подгорци, Октиси, каде живеат повеќе од 15000 жители бараат од ЕВН конечно да го реши проблемот со нормалното снабдување со електрична енергија на овој дел од струшко. Жителите велат дека веќе неколку дена се соочуваат со нередовно снабдување со струја.
Тие собираат потписи со петиција која ќе биде доставена до ЕВН Македонија и до надлежните институции. Дополнителен проблем за овие населени места е и нередовното чистење на снегот, па животот во текот на зимскиот период е отежнат
Од „Македонија пат“ – секција Струга информираат дека станува збор за пат од четврта категорија за чие расчистување се неопходни специјалните возила со двојна влеча, кои во моментот се во дефект, поради што, ваква машина позајмуваат од охридската секција на претпријатието.