Ладни радијатори за вработените во општина Охрид и подрачните министерства!
Државата не ставила нафта во заедничкиот котел.
Вработените во локалната админстрација во Охрид и подрачните министерства работат во ладни простории, откако радијаторите со кои се загрева зградата каде е сместена општината и подрачните одделение на повеќе министерства, управата за јавни приходи и катастарот останаа незагреани, објави lihnid.com..
Симон Илиевски, портпарол на локалната самоуправа рече дека причина за новонастаната состојба е што минисерствата и останатите државни институции навреме не обезбедиле нафта за своите подрачни одделенија во Охрид, кои се загреваат преку заедничкиот систем за парно греење.
„Ние со подрачните министерства имаме договор според кој секој во вкупната набавка на нафта учествува според просторот кој го користи во зградата. Општината користи една третина од вкупниот простор. Планот предвидува кој кога треба да става нафта во заедничкиот котел, но државните органи минатата година истиот не го почитуваа. Општината на двапати ставаше нафта со која се грееше цела зграда. Со овој потег се прават опструкции врз вработените во министерствата и општината,“ рече Илиевски.
Тој додаде дека поради ваквата ситуација министерствата не само што ги ставија во незавидна состојба вработените во општината туку и сопствените вработени.
„Иако денес работното време се одвиваше нормално невозможно е да се работи во студени простории, па доколку има евентуално скратување на работното време тоа негативно ќе се одрази врз граѓаните,“ рече Илиевски.