Обвинувањата меѓу власта и опозицијата продолжуваат!
Опозицијата обвинува за партиско-политички пуч, власта вели дека проблем со кочењето на буџетот е суетата на Црвенковски.
“Од вчера започна да се спроведува партиско-полицискиот пуч во оваа држава. Од вчера и денес, се спроведува сценариото во кое што спротивно на Уставот, спротивно на Закон за Собрание, спротивно на Деловникот на Собрание власта треба да го донесе буџетот на шверцерски, шпиунски и незаконски начин, денеска, во недела и утре, лицето Трајко Вељановски, извршителот на ова сценарио на сила да го вметне буџетот на утрешната седница. “ вакво обвинување денеска испорача опозицијата на адреса на актуелната власт. Тоа се случи откако пратениците од опозицијата наидоа на затворени врати во парламентот и без да бидат информирани дека нема да продолжи седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
“Денеска дојдовме да работиме, и во недела, како што тоа го правиме во изминатите денови, за да донесеме вистински буџет. Власта и лицето Трајко Вељаноски тоа не го дозволија, “ рекоа опозиционерите обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со својот лидер и премиер глумат лажна конструктивност.
“Ја информираме јавноста дека имаме обврска пред граѓаните да го спречиме овој партиско-полициски пуч и поништување на Република Македонија. Сакаме да ја информираме јавноста ние од ова Собрание – не излегуваме“рече опозицијата.
Наспроти овие обвинувања премиерот Никола Груевски денеска рече дека не е потребно одржување лидерска средба за деблокирање на носењето на буџетот во Собранието. Според него, причина за блокадата е суетата на лидерот на опозициската СДСМ.
“ Не се работи за лидерска средба, се работи за суетата на еден човек, тоа е Бранко Црвенковски и за неговиот политички опстанок,. Ние, додаде тој, дадовме четири предлози за компромис за буџетот и сите ги одбија,“ рече Груевски.