Вкупно се вакцинирани 1400 здравствени работници, до крајот на неделата се очекуваат и 200.000 кинески вакцини
23.02.2021
Досега 1040 здравствени работници ја примиле вакцината против Ковид-19. Кај мал број од нив се пројавени реакции по вакцината како болки на местото каде таа е аплицирана и благо зголемена телесна температура, информираа вчера за МИА од Министерството за здравство.
Оттаму додадоа дека сите вакцини се безбедни и развиени на сигурни платформи.
Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ реализирани се 63.075 пријави од граѓаните со искажување на интерес за вакцинација.
Имунизацијата се врши со 4680 од предвидените 8000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија.
До крајот на неделава се очекуваат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Државата ќе порача дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека се прават напори во земјава што поскоро да стасаат вакцини од сите производители. Кинеските вакцини, најави, се очекува да пристигнат до крајот на овој месец. Тој соопшти дека е во план да се набават 100 илјади вакцини „Спутник“.
– Преку КОВАКС механизмот ги очекуваме вакцините од „Модерна“ и од „Астра Зенека“, „Фајзер“ веќе имаме, од Кина очекуваме да стигнат, истакна Заев.
Вчера беа регистрирани 129 нови случаи на коронавирусот од направени 854 тестирања, 13 починати лица, а оздравени 342 пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 503.565 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 99.408, бројката на оздравени пациенти е 89.742, на починати е 3.076, а бројот на активни случаи изнесува 6.590.