Царовска: Во училиште се учи љубовта кон планетата Земја

Објавено на 22 април, 2021 во 10:40

carovska eko

22.04.2021

Во глобалната акција за спасување на планетата Земја, децата односно учениците заземаат централно место. Подигнувањето на свеста за потребата од заштита на околината од најмали нозе, придонесува за иднината на целата Земја, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на денешниот настан по повод Денот на планетата Земја – 22 април.

– Стекнувањето на основните информации преку конкретни истражувања, односно искуствено научени лекции, се основните предуслови да се осознаат проблемите, но и поголем мотив да се делува во насока на заштитата на животната средина и активно вклучување на младите во сите фази на заштитата. Всушност, во училиште се учи љубовта кон планетата Земја, додаде Царовска.

carovska eko svest

На настанот, што беше организиран од Министерствата за животна средина и просторно планирање и за образование и наука и Американската амбасада во Скопје, беше најавено повторно активирање на програмата за заштита на животната средина – ГЛОБЕ, а воедно и беше и промовирано ново издание на Водичот за учители, со цел наставниците во училиштата да го обноват и надградат знаењето поврзано со темата за заштита на животната средина и истото соодветно да го пренесат на ученици.

– Задоволство ми е што повторно заедно со нашите партнери ја активираме програмата за заштита на планетата Земја – ГЛОБЕ во чии рамки наставници кои се веќе обучени како тренери во претходни циклуси на обуки поврзани со темата, сега повторно ќе го обноват своето знаење и ќе го пренесат на нивните колеги, а потоа сите заедно ќе ги едуцираат децата како правилно да се однесуваат кон средината во која живеат и со тоа ќе дадат придонес кон глобалната акција за заштита на Земјата, рече Царовска.

Таа потенцираше дека земјава посветува сериозно внимание на тоа да оваа тема допире до најмладите и во таа насока истата ќе се интегрира во сите нови наставни програми кои се изработуваат согласно новата Концепција за основно образование, а воедно наставниците покрај активностите за време на наставата, ќе имаат можност и преку дополнителни воннаставни активности да ја подигнуваат свеста кај младите за заштита на животната средина.

– Програмите за прво одделение се веќе донесени по новиот концепт. Благодарение на нашите партнери од УН системот и од МЖСПП ние имаме веќе всадени елементи во самата програма, а истите ќе ги видиме и преточени во учебниците кои ова прашање ќе го адресираат директно и јасно позиционирано за свеста кај нашето население, кое што понатаму треба да бидат продуктивни граѓани, треба да бидат лидери на оваа земја, да имаат однос кон животната средина, нагласи министерката за образование и наука.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.