Македонија e на портокаловата листа за патување на Кипар
Во новата листа со категоризација на земјите за кои е дозволен влез на Кипар, објавена од Министерството за здравство, Северна Македонија и понатаму е во портокаловата зона, односно за патување на островот, задолжителен е негативен ПЦР тест направен 72 часа пред заминувањето, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на вакцинираните туристи, од Министерството за здравство на Кипар посочуваат дека од 10 мај, ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин, се оние кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите- членки на ЕУ, од Европската економска зона, како и од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада, Кувајт и Кина.
За вакцинираните, исто така, потребно е да се поминати 14 дена од ревакцинацијата со една од вакцините одобрени од Европската организација на лекови, „Фајзер“, „Модерна“, „Астра-Зенека“ и „Џонсон и Џонсон“ или со „Спутник В“, „Синофарм“ или „Синовак“.