МВР: Замената на регистарските таблички ќе ги чини граѓаните од 1400 до 1500 денари
Замената на регистарските таблички со ознака МК со нова НМК (NMK) граѓаните треба да ја направат во овластени станици за технички преглед, а тоа ќе ги чини од 1400 до 1500 денари. Министерството за внатрешни работи деновиве информираше дека граѓаните и правните субјекти, односно сопствениците на возила дека заклучно со 12.02.2024 мора да извршат промена на регистарските таблички со ознаката МК со ознаката НМК (NMK).
-Сопствениците на возилата треба да поднесат барање за промена на регистарски таблици во овластени станици за технички преглед каде врз основа на барањето на шалтерот на МВР се поднесува барањето за промена на регистарски таблици и од страна на референтот на МВР се издава нова сообраќајна довола и нови регистарски таблици на трошок на сопственикот на возилото. Цената на сообраќајната дозвола е 200 денари, а цената на регистарските таблици е 1200 до 1300 денари во зависност од обликот на регистарската таблица, информираат од МВР.
Сопственикот на возилото треба да приложи сообраќајна дозвола и регистарски таблици и важечка лична карта или ако сопственикот е правно лице тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Северна Македонија. Плаќањето се врши на пост терминал или на уплатница пп50.
Согласно Законот за возила, доколку возилото е во сообраќај со поинакви регистарски таблици од пропишаните предвидена е глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност.
Дума.мк