На 4 септември ќе почне судењето за убиствата на Вања и Панче
Кривичниот суд во Скопје информира дека главната расправа за предметот со К.бр.1339/24 поврзан со двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во согласност со странките, е насрочена за 04.09.2024 година во 10:00 часот во судница 1.
-Имајќи предвид дека истрагата против осомничениот Љупчо Палевски е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривично – правен настан за кој се води и предметот К.бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно чл. 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки, додаваат од Кривичниот суд.
Оттаму дополнуваат дека расправата која требаше да се одржи денеска е отповикана по предлог за одлагање од Основното јавно обвинителство поради спојување на двете постапки.
Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори. Безживотното тело на Вања беше пронајдено пред недела дена, во близина на скопското село Бразда. Нејзиното исчезнување го пријави нејзината мајка, а во потрагата се вклучија и надлежните институции и голем број граѓани.
Заднината на случајот со Ѓорчевска била да се изнудат пари од мајката на Вања, бил вмешан и член на семејството, а организаторот на сето тоа е и извршител на убиството.
Љупчо Палевски-Палчо беше екстрадиран од Турција, откако избега по убиствата.
Дума.мк