Наместо замрзнати цени ќе има дефинирање на одредени маржи
Од март најверојатно ќе се ограничи маржата на трговците за цената на основните животни производи, најави денес министерорт за економија Крешник Бектеши.
„Рокот на замрзнатите цени е до крајот на месецот. Оваа недела и наредната недела ќе имаме директни средби со сите засегнати страни, посебно со производителите и трговците со прехранбени производи за оние производи кои се наведени во одлуката за замрзнување на цените за да најдеме начин да нема поскапување на цените. Најверојатно ќе се оди со дефинирање на одредени маржи и во трговијата на мало и во трговијата на големо, имајќи во предвид дека во делот на производите што ги произведуваме дома, таму секако може да се интервенира. Но, забележавме дека производите кои што се увезуваат во нашата земја, кај нив има поголемо зголемување на цените и затоа најверојатно ќе се оди со опцијата на определување на маржите“, изјави Бектеши.