Ноќва и утре врнежи, грмежи и засилен ветер, ќе има и локално невреме
Поради продор на значително ладен атмосферски фронт кој ќе пристигне на многу загреана атмосфера и исполнета со енергија, токму поради повеќе дневниот топлотен бран кој ја зафати нашата територија, од попладнево, а особено во текот на претстојната ноќ и утре, на повеќе места низ Македонија ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти Метео Аларм.
Локално процесите ќе бидат интензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град кој би можел да биде покрупен. И во Скопскиот регион очекуваме нестабилно време со повремен пороен дожд, грмежи и со засилен ветер и тоа во текот на претстојната ноќ и утре. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме.
„Апелираме во случај на појава на невреме, граѓаните да бидат крајно внимателни, тоа значи во случај на појава на силни електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така во случај на појава на силен ветер и на крупен град автомобилите да се заштитата,“ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Што се однесува до температурите, тие утре ќе бидат за 8 до 10 степени пониски за разлика од сегашните, па така утре максималните дневни температури на воздухот ќе се искачат во интервал од 23 до 31 степени.
Дума.мк