Од денеска меѓу Скопје и Битола само еден воз, од Скопје до Велес само шест возови дневно
Се укинуваат два воза кои дневно сообраќаа на релација Скопје – Битола – Скопје. Од денеска, 25 октомври, патниците на оваа релација ќе можат да ги коситат само возовите коишто поаѓаат од Скопје во 14:30 часот и од Битола во 03:13 часот. Ова значи дека патниците од Велес за Битола ќе може да одат само еднаш дневно, поточно во 15:25 часот, додека битолскиот воз за Скопје ќе можат да го користат на сабајле во 05:38 часот.
На официјалната страница на „Македонски Железници“, без да се наведат подетални информации, само пишува дека овие измени ќе важат се до нивно отповикување.
„ЖРСМ Транспорт АД Скопје – Патнички сообраќај ги известува корисниците на услуги кои патуваат на релација „Битола – Прилеп – Велес – Скопје“ и обратно дека од ден 25 октомври (среда) сообраќајот на патничките возови на оваа релација ќе биде организиран само со возовите бр. 643, кој поаѓа од Скопје во 14:30 часот и воз бр. 640 кој поаѓа од Битола во 03:13 часот. Овие измени ќе важат од 25.10.2023 година до нивно отповикување“, се вели во соопштението.
Патничките возови меѓу Скопје и Битола се најкористени според бројот на превезени патници, a се очекува ваквата одлука на Железници на РСМ-Транспорт да предизвика незадоволство особено меѓу граѓаните на Прилеп и населението од Азотскиот регион, кое нема друга форма на превоз кон Прилеп, Велес и Скопје, освен возот.
Според податоците на Државниот завод за статистика, скопската железничка станица е прва по големина со 150.000 отпатувани патници во 2022 година, потоа Велес со 116.000 патници и трета по ред е прилепската со 60.000 патници.
Единствени возови што остануваат во сообраќај се двата пара возови меѓу Скопје и Гевгелија, додека меѓу Скопје и Велес ќе има само шест пара возови дневно.
Одлуката доаѓа неколку месеци откако Железница ги укина сите четири пара возови на релацијата Скопје-Куманово-Табановце-Скопје, за што жителите од Куманово и кумановско кои работат во Скопје жестоко реагираа. Инаку, веќе со години нема возови ниту до Белград и до Солун.
Дума.мк