Од денеска забрана за движење низ шуми и летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Целосна забрана за движење во шума и шумско земјиште на територијата со која стопанисува/управува ЈП „Национални шуми” се воведува од денеска до 31 август годинава. Забраната, како што информираат се воведува со оглед на зголемената опасност од појава и ширење на пожари на отворен простор за временскиот период во терминот од 00.00 до 24.00 часот. Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми” -Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат управуваат.
За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, се изрекува глоба од 1500 до 2000 евра во денарска противвредност.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што информираат од ЈП „Национални шуми” – Скопје, на 26 јуни годинава согласно член 57, став 3, дало согласност за Целосна забрана за движење во шума и шумско земјиште за периодот од 01.07.2025 до 31.08.2025 година.
Целосната забрана за движење во шума и шумско земјиште не важи за вработените во ЈП „Национални шуми”-Скопје и подружниците, како и за вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за одбрана, Шумска полиција, Центар за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ), субјектите што вршат шумскостопански активности сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти на површините со кои стопанисува ЈП „Национални шуми” – Скопје, припадниците на ловочуварската служба и службени лица од корисниците дивеч во ловиштата кои вршат работи за корисникот на дивеч во ловиштето и на лица кои што имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми” – Скопје.
Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми” кои вршат дејност заштита, Шумска полиција, МВР и ДИШЛ
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините се следни:
петок од 17:00 – 22:00 часот,
сабота од 09:00 до 18:00 часот и
недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје (со важност до 01 септември) се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
петок од 15:00 – 22:00 часот,
сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот.
Овој посебен режим на сообраќај се воведува во текот на летото со цел избегнување на застојот во сообраќајот на патната делница кон најпосетуваното туристичко место во Република Македонија, намалување на застоите на пунктовите за наплата на патна такса и воопшто побрз проток на возилата и непречено движење на туристите.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.
Дума.мк
