Огласите за мерките за вработување ќе бидат објавени во понеделник

Огласите од Оперативниот план за вработување 2025 за поддршка на невработени лица ќе бидат објавени во понеделник, најави денеска директорот на Агенцијата за вработување Сељатин Бељули во гостување на ТВ24.
„Поддршката е во две категории. Едната е директно вработување преку поддршка за самовработување, основање свој бизнис. Износот за младите до 29 години ќе биде 10.000 евра, додека за лица над 29 години, 7.000 евра. Две лица може да се здружат и основаат друштво со ограничена одговорност, а сумата во тој случај ќе биде според возраста. Втората категорија поддршка е вработување и раст на правни субјекти, преку која ќе ги поддржиме работодавачите ако вработуваат млади лица до 29 години, лица посебни потреби, жени, Роми“, појасни Бељули.
Оперативниот план за вработување беше презентиран пред десетина дена, кога беше речено дека е вреден 40 милиони евра и ќе опфати над 16 илјади невработени.
Дума.мк
