Османи: Ги зајакнуваме контактите за да најдеме решение за спорот со Бугарија
Министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи, кој е во дводневна работна посета на Брисел, на маргините на состаноците на ЕУ-ПСЈИЕ (Процес за соработка во Југоисточна Европа) се сретна со неговиот бугарски колега Светлан Стоев.
-Ја потврдивме важноста и посветеноста за напредок во процесот на европска интеграција, регионална соработка и добрососедство на Западен Балкан и разменивме мислења за последните политички случувања по изборните циклуси во двете земји. Ја потврдивме нашата решеност да продолжиме со конструктивниот пристап и добра волја во билатералните односи. Воедно, ја поздравивме подготвеноста за интензивирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со надеж дека Комисијата ќе изнајде начини за постигнување конкретни резултати во следниот период кои се во интерес на двете страни, напиша Османи на Фејсбук.
Тој додаде дека до одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, се очекува да се зајакнат контактите преку постоечките форми на состаноци за да се изнајдат најдобри решенија за да се постигнат следните чекори во процесот на интеграција во Европската унија.
-Само отворениот дијалог и директната соработка се најсигурни показатели за одговорност и посветеност на мирот и стабилноста, перспективите на регионот и успешното справување со сите видови предизвици со кои се соочуваме заедно, рече Османи.
Шефот на дипломатијата на Северна Македонија престојува во Брисел на покана на претседавачот со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, неговиот грчки колега Никос Дендиас.