Пендаровски се сретна со малиот гениј Македон (видео)
Претседателот Стево Пендаровски денеска во својот кабинет се сретна со Македон Димитриевски, ученик во второ одделение во ОУ „Лирија“ од Тетово, кој поседува натпросечна интелигенција.
Претседателот во разговорот со Македон беше запознаен со афинитетите, интересите, досегашните успеси, вештините и знаењата што ги поседува седумгодишниот ученик, како и со неговите желби и предизвици во иднина.
Тој истакна дека му претставува особена чест што има можност да го запознае малиот гениј, со кој се гордее нашата држава и да го охрабри и поддржи неговиот иден севкупен развој.
„Овие ученици се од посебен интерес за нашето општество и заслужуваат максимална посветеност од страна на државата“, рече претседателот на средбата и посочи дека е неопходно институциите да создадат стимулативна средина која ќе го поддржи, поттикне и насочи развојот на децата со натпросечна интелигенција.
„Надарените и талентирани ученици имаат комплексни образовни потреби, што претставува посебен предизвик за образовниот систем и ја наметнува потребата од индивидуализирани програми адаптирани на надарените ученици“,додаде претседателот Пендаровски.
Претседателот му честита на Македон за освоениот златен медал на натпреварот „Математика без граници“, во конкуренција на 4000 учесници од 22 земји од светот, и му посака уште многу успеси во иднина.