Почнува караванот за вакцинација против ковид
Од денеска ќе почне и карванот за антиковид-вакцинација кој до 3 април ќе помине во 14 општини и населени места: Шуто Оризари, Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Скопје (пред Ист гејт мол), Куманово, село Матејче во Липково, Арачиново, село Сандево во Чучер Сандево, Зелениково, село Неготино во Врапчиште, Кичево и Струга.
Карванот ќе го организира Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.
Четири часа во денот (од 11 до 15 часот или од 12 до 16 часот) на плоштади, пазари, домови на културата во овие локални заедници граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против ковид-19. Оние што се вакцинирани во странство, пак, на локациите ќе може да се евидентираат во системот „МојТермин“.
Покрај карванот за вакцинација, кој ќе биде активен во наредните две недели, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат во здравствените домови низ државава. Министерството за здравство соопшти дека располагаат со доволно количини вакцини и нагласува дека тие се безбедни и се најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт.