Црвенковски: в година, во март и парламентарни избори и референдум за името!
Вакво барање му прати на премиерот Никола Груевски, од митингот на здружената опозиција, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Бранко Црвенковски.
„За да работите во оваа земја се придвижат во правилна насока потребна е промена на генералниот курс на државата. А за него се одлучува на парламентарни избори. Па тогаш во март нека бидат и локални и предвремени парламентарни избори. И нека се знае веќе еднаш кој пат ќе го фатиме. Нека реши конечно народот за што е. За оваа твојава Македонија или оваа наша Македонија! Бараме избори. Бараме парламентарни избори во март”, рече Црвенковски , пред околу 70 илјади приврзаници на опозицијата, според процените на организаторот на настанот на централниот скопски плоштад Македонија.
Според Црвенковски ќе значело дека Груевски се договорил за промена на името на Македонија ако на 10-ти декември, државава добие датум за преговори.
„Ако тоа не се случи, статус кво ситуацијата ќе продолжи, ние НАТО и Европска Унија не гледаме. Тоа е вистината и народот има право да ја знае.
А ако се согласиш Никола да го смениш името на земјата и во декември добиеме датум за преговори,тогаш исполни го ветувањето што му го даде на народот. Во март нека се одржи и референдумот. Па се заедно нека се стави на маса. Во еден ден се нека се реши, се нека се одлучи” додаде Црвенковски.
Здружената опозиција, на митингот на скопскиот плоштад Македонија, ги промовираше кандидатот за градоначалник на градот Скопје и кандидатите за градоначалници на скопските општини.