Поповски: Обилно врне дожд во Македонија, следува продор на многу поладен воздух од север!

Под влијание на голем влажен Медитерански воздушен бран, во Македонија врне обилен дожд додека температурите полека опаѓаат. Обилните врнежи ќе продолжат во текот на денот се до ноќните часови кон сабота,17 мај, гласи временската прогноза на Славчо Поповски.
„На повеќе места во државата, локално ќе наврне значително количество на воден талог, од 20 до над 40 литри дожд на метар квадратен. Во Скопје и околината за време на овој период ќе има пообилни врнежи од дожд.
Во исто време од север и од североисток ќе се спушта многу поладен воздух, кој ќе ги спушта температурите на воздухот коишто ќе бидат значително потпросечни за средината на месец мај. Поради падот на температурите на воздухот, на планините над 1400/1500 метри надморска височина, особено во северозападните и во западните предели на Македонија, ќе има врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка во висина од над 10 cм снег.
Да напоменам дека поради обилните врнежи, можно е зголемување на нивоата на реките и на езерата во државата. Можни се и локални поплавувања. Апелирам, граѓаните да бидат многу внимателни, особено ако се движат покрај реките и водотеците,“ додава метеопрогнозерот Поповски.
Дума.мк
