Позитивен знак во односите меѓу двете земји: Заев оваа недела ќе ја посети Софија

Објавено на 15 јуни, 2021 во 10:10

Премиерот Зоран Заев, на вчерашната средба со бугарскиот претседател, Румен Радев,  на маргините на Самитот на НАТО во Брисел, договориле средба во Софија на која во фокусот би бил перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на земјава.

„Претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, ја подвлече принципиелната и континуирана поддршка за иднината на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи. И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај, на Рим и Ватикан, за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј“, се вели во соопштението од средбата.

Посетата на Заев на Софија ќе се случи на една недела пред состанокот на Советот на ЕУ на 24 и 25 јуни, кога би требало да очекуваме одлука дали и кога ќе се одржи меѓувладината конференција Северна Македонија – ЕУ и земјата да ги почне преговорите со Унијата.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.