Продолжува дебатата во Собрание за францускиот предлог
Во Собранието вчера започна дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека овој европски предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес и за старт на преговорите на земјава со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции.
Претходно, во обраќање пред пратениците, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека со прифаќање на предлогот земјава ќе направи уште еден чекор кон ЕУ и дека сега е моментот да продолжиме напред „кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка“.
Во расправата во Собранието по обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски, за време на кое пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со вувулзели, труби и свирки правеа бука за да не може да се чуе што говори и држеа транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“, опозициските пратеници порачаа дека нема да дозволат „да се отвори Уставот и да се промени“ и обвинија дека со понудениот предлог се задира во јазикот, идентитетот и историјата и се прави „бугаризација“.
Пратениците од власта пак возвратија дека „паднале во вода сите лаги и манипулации“ на ВМРО-ДПМНЕ и партијата треба да им се извини на граѓаните за ширењето „лаги и небулози“.
Во врска со собраниската седница по предлог-преговарачката рамка се огласи и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, кој изјави дека очите и ушите на ЕУ се вперени кон земјава.
– Нашите очи и уши се вперени кон Скопје и мора да водиме демократска дебата. Видовте дека Фон дер Лајен даде директен придонес. Нека се развие дебатата и потоа да ги кажеме нашите позиции, изјави Вархеји, кој заедно со албанскиот премиер Еди Рама го посети приморскиот град Валона во Албанија, каде извршија увид на новоизградената обиколница финансирана од Европската Унија.