Продор на ладен бран од север, Велигденските празници со утрински мраз
Објавено: 8 април, 2026, во 08:05 часот
„За време на Велигденските празници, односно во периодот од 9 април (Велики Четврток) до 11 април (Велика Сабота), територијата на Македонија ќе биде под влијание на значително поладен бран кој ќе се спушта од север и од североисток на Европскиот Континент. Времето ќе биде значително поладно и променливо со повремено засилен до силен ветер од северен правец кој локално ќе достигнува брзина до околу 60 км/час и најизразен ќе биде во Повардарието и во источните предели од Македонија.
До крајот на денот, среда, 8 април во Повардарието и во источните предели на Македонија повремено ветерот од северен правец ќе достигнува брзина и до околу 70 км/час.
Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди а повремено ќе има услови и за сосема слаб и локален дожд а на повисоките, планински места како и со над 1000 метри надморска височина ќе провејува слаб снег, особено во источните предели од Македонија.

Во Скопје и околината времето ќе биде променливо со сончеви периоди, значително поладно и со повремено засилен до силен ветер од северен правец кој повремено во делови од регионот ќе достигнува брзина до околу 60/70 км час.
Во недела, 12 април, на Велигден, времето ќе ни биде претежно сончево а особено наутро значително ладно додека преку денот ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
За Велигденските празници и на Велигден наутро на повеќе места во Македонија ќе има појава на слаб мраз што воопшто не е добро особено за овошките кои се во силна фаза на цветање. Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот од -4 до 5 степени а во Скопје и околината наутро температурата очекувам да се спушти до околу 2/3 степени.
Максималните дневни температури на воздухот, исто така, ќе бидат значително ниски и под просекот за месец април,т од 8 до 15 степени. Во Скопје и околината максималната дневна температура за Велигденските празници ќе се искачува до околу 15 степени,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Попоски.
Дума.мк



