Репортери без граници: Скок на Македонија за 33 места во Светскиот индекс на слободата на печатот

Објавено на 3 мај, 2022 во 10:51

Репортери без граници годинава има нова методологија за пресметка на Индексот, која ја дефинира слободата на медиумите како „ефективна можност за новинарите, како поединци и како групи, да избираат, произведуваат и дистрибуираат вести и информации од јавен интерес, независно од политички, економски, правни и социјални мешања и без закани за нивната физичка и ментална безбедност“. Со цел да се одрази сложеноста на слободата на медиумите, сега се користат пет нови индикатори за да се состави Индексот: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социокултурен контекст, и безбедноста.

Состојбата во Македонија според овие 5 индикатори е задоволителна за правната рамка, за социокултурниот контекст и за безбедноста, проблематична е за политичкиот контекст, а тешка за економскиот контекст.

Во резимето за Македонија се вели:

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

За политичкиот контекст се укажува дека транспарентноста не институциите е слаба и дека поради силната политичка поларизација врз медиумите има притисок од властите, политичарите и бизисмените, а двете најголеми партии (на власт и во опозиција) креирале паралелни медиумски ситеми со кои го вршат своето политичко и економско влијание.

За економскиот контекст се вели:

„Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Има тргување со влијанија помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи“.

Најголем напредок во регионот има Црна Гора за 41 место, Бугарија за 21, Косово за 17 и Србија за 14 места, а најголем пад Грција за 38, Албанија за 20, Словенија за 18 места.

Триото нордиски земји на врвот на индексот – Норвешка, Данска и Шведска – продолжува да служи како демократски модел каде има слобода на изразување, додека Молдавија (40 место) и Бугарија (91) се издвојуваат оваа година благодарение на промената на владата и надежта што ја донесе за подобрување на состојбата за новинарите дури иако олигарсите сè уште ги поседуваат или контролираат медиумите.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.