Се истражува кој го пропуштил без лиценца автобусот на „Беса транс“
Царината од утрово прави внатрешна контрола за тоа кој го прошуштил автобусот на „Беса транс“ кој бил без лиценца на граничниот премин „Деве Баир“. Ова доаѓа откако вчера Министерството за транспорт и врски кажа дека превозникот не го регистрирал ова возило кое целосно изгоре, а во него животите ги загубија, според неофицијалните инфорамции, 46 патници.
„Од рано утрово, Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин“, велат од Царина.
Автобусот на превозникот „Беса Tранс“, кој изгоре ноќта кон вторникот во Бугарија и притоа загинаа 46 лица, немал добиено извод од лиценца за превоз во домашен и меѓународен сообраќај од Министерството за транспорт и врски, потврди на прес-конференцијата во вторникот вечерта во Владата, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски додавајќи дека фирмата превозник со седиште во скопското село Рашче имала уредна лиценца, но меѓу четирите автобуси заведени во евиденцијата на неговото министерство го нема автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“ близу Перник