Се менуваат правилата за влез во земјава од 1-ви септември
Од 1 септември, странските и македонските граѓани ќе треба да имаат сертификат за имунизација, или негативен ПЦР тест, или доказ дека неодамна го прележале ковид -вирусот за да влезат во Македонија, објави синоќа владата.
Како што е прецизирано, од 1 септември македонските и странските државјани ќе можат да влезат во земјава доколку претходно достават сертификат за имунизација на граничниот премин, односно примиле најмалку две дози вакцина или потврда на прележан Ковид-19 во последните 45 дена од денот на закрепнувањето, или негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.
На граѓаните на Северна Македонија кои се враќаат во земјата по 1 септември и кои нема да имаат ниту еден од тие три „ковид-документи“, ќе им биде одреден седумдневен карантин во домашна изолација со одлука на Државниот санитарен инспекторат.
Странските државјани што транзитираат низ Македонија ќе можат да поминат во рок од пет часа, со претходно потпишана изјава при влезот, која треба да се предаде на граничната контрола при излезот од земјава.