Совет на Европа: Во „Шутка“, затворениците се затворени во своите ќелии 23 часа на ден и им се одбива контакт со нивните деца
И покрај малите подобрувања, вклучително и реновирање на едното крило на одделот за притвор во затворот Скопје и затворање на три проблематични крила на затворот Идризово, сепак продолжува најголемата долгогодишна загриженост во однос на условите за живот во затворите, се заклучува во најновиот извештај за Северна Македонија објавен од Советот на Европскиот комитет за спречување тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување .
Едно од клучните прашања на кое посочува Комитетот е тоа што има недостаток на транспарентност во управувањето со затворите, а се нотира и загриженоста дека за поставување на раководни лица во затворите пресудна е политичка припадност, а не способноста за извршување на таква комплексна задача.
Од Комитетот за спречување тортура бараат од властите во Македонија „конкретно дејствување“ за спроведување на многу долгогодишни препораки утврдени во извештајот.
Извештајот критикува што во затворот во Шутка затворениците се „затворени во своите ќелии 23 часа на ден без ништо да прават и им се одбиваат контакти со нивните деца“. Се забележува и на неквалитетна здравствена заштита и нужноста од „стратешки пристап“ на тоа поле, нетранспарентност во управувањето со затворите и назначување раководни лица во затворот врз основа на политичка припадност.
Условите во затворите се подобруваат, тврди македонската влада во одговор по извештајот на Комитетот на Советот на Европа за спречување тортура. Во одговорот, пак, нема многу за здравствената заштита на затворениците, освен дека затворите набавиле маски и дезинфекциски средства против ковид-19. Од владата се наведува дека годинава за подобрување на условите во затворите се планира да се потрошат 3,3 милиони евра. Се предвидуваат активности за спречување на корупција и обуки на затворски персоналот во делот на Кодексот за однесување. Предвидени се и нови вработувања на затворски службеници.