ССНМ: Затворање на дописништвата на МИА е непопуларна и недозволива мерка
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници изразува жалење поради одлуката на АД МИА за ставање во мирување на неопределено време на дописништвата во Брисел, во Атина и во Вашингтон, како и за најавите за непродолжување на договорите за соработка на дописниците од другите европски градови.
Свесни сме за економската криза, односно за мерките за штедење кои беа наметнати на државните институции и претпријатија, меѓутоа се надеваме дека ќе се направат напори и ќе се изнајдат начини во најкус можен рок дописништвата да не престанат со работа.
Сметаме дека не смее да биде дозволено државна новинска агенција како што е МИА да нема свои дописници во едни од најважните главни градови во светот, особено во овој период на комплицирани и предизвикувачки меѓународни односи во светот.
Потенцираме дека особено е важно македонските граѓани да бидат објективно и навремено информирани директно од новинари кои се на местото на случување, особено за процеси како што се на пример пристапувањето кон Европската Унија, како во Брисел, така и во другите главни градови на земјите членки на ЕУ.
Со ваквата одлука на МИА предизвикана од одлуката на Владата за штедење директно се влијае и на несигурноста на работните места на новинарите и медиумските работници, но и врз стандардите и нормите за објективно и професионално известување за случувањата во светот.
Владата, како основач на МИА и контролор на нејзината работа, треба да води особена грижа за присутноста на државната новинска агенција во важните светски центри, и затоа ја повикуваме Владата да изнајде модус за понатамошно соодветно и комплетно функционирање на овој медиум.
Дума.мк