Каталонија бара независност: Шпанија пред свршен чин!
Каталонија ќе се бори за правото да одржи референдум за независност, а ако треба ќе се обрати и до меѓународните судови, ја пренесува Капитал, изјавата на претседателот на оваа шпанска покраина, Артур Мас. Ако Врховниот суд во Шпанија го прогласи за неуставен референдумот за каталонска независност, ние ќе го интернационализираме спорот и ќе го префрлиме на ниво на Брисел и европските судови, предупреди Мас.
Каталонската Влада побара на 25 ноември да се одржат предвремени избори, откако шпанската Влада одби да преговара за т.н. фискален пакт со власта од оваа северна шпанска покраина. Независна Каталонија и натаму би соработувала со Шпанија на полето на економијата и одбраната, а нејзината автономија би била ограничена со фактот дека ЕУ станува сè поважна и поважна, нагласи Мас.
Шпанскиот министер за правда, Алберто Руис Галардон, денеска го предупреди Мас дека ќе го смета за лично одговорен во случај да биде распишан референдум за независност на Каталонија. Ако едно лице изврши некое незаконско дело, не треба да бидат казнети сите граѓани на Каталонија, туку само тоа лице, нагласи Галардон, потсетувајќи дека членот 155 од шпанскиот Устав и дозволува на Шпанија да му ја укине автономијата на некој регион. Каталонија, со сопствен јазик и посебна култура, е една од 17-те автономни покраини во Шпанија. Според проценките, повеќе од половина Каталонци сакаат независна држава.