Караџиќ пред Хашкиот трибунал: Невин сум!
Пред Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија својата одбрана ја започна поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ. Тој ги отфрли обвиненијата за геноцид а за Бошнаците оцени дека биле Срби само со друга религија и тврди дека е невин, објави Радио Слободна Европа.
Караџиќ меѓу другото се товари и за геноцид врз околу 8.000 мажи и момчиња во Сребреница во 1995 година.
По 13 години откако беше обвинет за организирање на српските злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, Караџиќ беше уапсен во 2008 година.
Една година потоа Трибуналот почна да му суди. Годинава во мај обвинителството го заврши своето излагање. Хашкиот трибунал го одби барањето на Караџиќ за ново судење по што тој го обвини обвинителството за доцнење со откривањето на докази корисни за неговата одбрана.