Светски ден на слободата на печатот – 3 мај: Ден посветен на слободата на медумите, професионалната етика и новинарите
Со одлука на Генералното собрание на ОН од 1993 година, 3 мај е прогласен за Светски ден на слободата на печатот, со цел да ги потсетува владите на потребата од почитување и посветеност на слободата на медумите, но исто така и да ги поттикне новинарите на размислување за прашања за слободата на печатот и професионалната етика.
Светскиот ден на слободата на печатот е и ден на поддршка на медиумите кои се изложени на обиди за нивно укинување или ограничување на нивната слободата на изразување, но и ден на сеќавање на новинарите кои ги загубија животите во текот на својата работа.
Според последниот извештај на Репортери без граници, Северна Македонија напредуваше за две места на Светската листа на слобода медиумите во 2020 година и со 31,67 поени се најде на 90-то место.
Репортери без граници за состојбата со слободата на медиумите во наведоа дека „високи владини претставници продолжија да им се закануваат и да ги навредуваат медиумите, а кибер-вознемирувањето и вербалните напади кон новинарите се зголемија на социјалните медиуми”. Сето ова послужи да се засили добро вкоренетата култура на неказнивост, оцени организацијата, збележувајќи и дека пандемијата, како на многу други места во светот, ја усложни работата на новинарите на терен.
– Медиумските организации силно се противеа на разните предложени амандмани за законот за аудиовизуелни медиуми кои би овозможиле државно рекламирање во медиумите. Тие се противат на ова врз основа на фактот што тоа ќе охрабри клиентелизам, стои во освртот на Репортери без граници за Северна Македонија, во кој се додава дека промените во Kривичниот законик кои ги подготвува Министерството за правда би требало да донесат поголема заштита за новинарите во државата.
Закани за насилство врз новинарите во земјава, се констатирани и во годишниот извештај на Стејт департментот за почитување на човековите права, во кој се посочува дека „културата на неказнивост е добро вкоренета и се уште е пречка за безбедноста на новинарите”, како и дека „бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка практика на компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба”.
Светскиот ден на слободата на печатот е прогласен од страна на Генералното собрание на ОН во 1993 година по препораката усвоена на 26-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во 1991 година, врз основа на Декларацијата од Виндхук што ја подготивија група африкански новинари со апел за плурализам и независност на медиумите.