Трендафилов поднесе пријави против пратеничката Дафина Стојаноска за објавеното видео од неговите малолетни деца, бара надлежните да поведат постапка
Објавено: 11 февруари, 2026, во 13:32 часот
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска, Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството да поведат постапка против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска побара претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.
Причина за барањето е тоа што патеничката, вчера, на нејзиниот фејсбук-профил објави видео, на кое како што напиша во статусот, го прикажа Трендафилов и неговите две малолетни деца како доаѓаат и влегуваат во автомобилот, кој бил службен.
Трендафилов на денешната прес-конференција рече дека Стојаноска „му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“.
Потоа побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
Трендафилов барање за реакција против пратеничката упати и до министерот Панче Тошковски притоа прашувајќи го „Дали службите го следат претседателот на ССМ и му ги снимаат децата?“. Тој побара и апсења на сторителите.
Според Трендафилов, јавниот обвинител треба да покаже дека правдата е еднаква за сите.
Исто така додаде дека објавувањето малолетни деца е злоупотреба и не е дозволено никаде во светот.
Трендафилов за Дума.мк рече дека го пријавил нелегалното снимање на неговите деца во Сектор за внатрешни работи Велес и во Скопје.
„За жал тоа не е само еден ден, тоа е континуирано цела мината година. Нормална влада во нормална држава за ваква работа паѓа. Во нормална држава пратеничката веќе ќе беше во затвор. Ако децата не ние се безбедни бидејќи бараме повисоки плати, прашуваме кој е следен, што планираат следно да направат.“
Претседателот на ССМ најави дека за овој случај ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на ЕУ, братските синдикати на Меѓународната и Европската конфедерација на синдикати и Меѓународна организација на трудот (МОТ).
Денешната прес-конференција Трендафилов ја посвети на утрешната блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата што ќе започне во 12 часот.
Дума.мк

