Учениците и понатаму во училиште со маски

Објавено на 10 март, 2022 во 11:02

Членовите на Комисијата за заразни болести предлагаат нова методологија за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик, но останува на ставот дека е рано да се размислува за укинување на мерката носење заштитни маски во училиштата поради, малиот процент на целосно вакцинирано население.

– Во однос на училиштата, генерално ставот од претходно беше дека премногу е мал опфатот од вакцинација и се уште е рано за да размислуваме за укинување на таа мерка. Основната дискусија на состанокот денеска беше методологијата што ја предлагаме која ќе биде план за релаксирање на мерките и да се имаат точно одредени параметри врз основа на коишто ќе можеме да ги опуштаме мерките, рече вчера за МИА портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ.

Министерот за образование Јетон Шаќири не се меша во одлуките на Комисијата за заразни болести. Прашан дали учениците треба да следат настава без маски, тој рече дека тоа најдобро го знаат здравствените експерти.

-За мене е поважно што скринингот во основните училишта што се одржа во Град Скопје даде податоци дека бројот на заболени деца бил многу мал на скринингот што го направи Министерството за здравство. Министерството за здравство во координација со Комисијата за заразни болести верува дека кога ќе сметаат дека ќе биде оправдано, ќе ја донесат мерката што ќе се однесува на олеснување за учениците, истакна Јетон Шаќири.

Досега во земјата се направени вкупно 1.913.011 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 300.398, бројот на оздравени пациенти е 289.064, на починати е 9.104 а бројот на активни случаи изнесува 2.230.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.